Tuesday, September 24, 2013

РАБОТИЛНИЦА ОД ПРОЕКТОТ „ИНТЕЛИГЕНТНИ АЛАТКИ ЗА КРЕИРАЊЕ ПОЛИТИКИ“ (FUPOL - FUTURE POLICY MODELING)



Вчера /23.09.2013, понеделник/ се одржа работилница како дел од изтражувачкиот проект „Интелигентни алатки за креирање политики“ (FUPOL - FUture POLicy Modeling), финансиран од Европската Унија во рамките на FP7 програмата, и истиот има за цел да овозможи целосно нов пристап во водење на традиционалните политики.

На работилницата присуствуваа Мигел Анхел-Миева и Роман Бил, експерти од Универзитетот UAB во Барселона за креирање на теоретски модели и симулации на комплексни системи, експерти од компанијата „SOCSIM” од Летонија, задолжени за изработка на софтверските решенија, претставници на компанијата „Иновејшн” од Скопје, предводени од проф. д-р Марјан Гушев кои се избрани за реализација и имплементација на овој проект, како и претстаници на градската администрација.

Преку иновативни методи, користејќи ги социјалните Интернет мрежи, напредно моделирање и анкетни листови, проектот FUPOL ќе придонесе за подобрување на начинот на кој политичарите и администрацијата комуницираат со граѓаните. Со користењето на овие алатки жителите на Скопје ќе можат директно да учествуваат во процесот на креирањето на политиките на Градот, каде што ќе можат да ги искажат своите мислења и ставови на предложените теми и проекти. Резултатот од проектот е развивање алатки базирани на информатички технологии, односно софтвер кој ќе овозможи нов начин на комуникација меѓу политичарите, граѓаните и бизнис секторот. Софтверот, кој е изработен, овозможува автоматско собирање, анализирање и толкување на изнесени мислења на граѓаните, а исто така, овозможува и симулација на ефектите од донесување политики и закони и можност да им асистира на властите во целиот процес на донесување одлуки.

Сите новости и детали за проектот „Интелигентни алатки за креирање политики“ (FUPOL - FUture POLicy Modeling) ќе бидат објавувани на официјалниот блог-профил на проектот FUPOL за Градот Скопје (www.fupolskopje.blogspot.com). Дополнително, сите нови теми за дискусии ќе бидат објавувани на овој блог-профил, како и на официјалните Facebook (www.facebook.com/pages/Град-Скопје-Официјален-профил/201845923194961) и Twitter (https://twitter.com/gradskopje1) профили на Градот Скопје, каде што сите жители ќе можат да коментираат, даваат предлози и идеи за дадените теми.

Сите добиени коментари, мислења и ставови ќе бидат систематизирани и обработени со специјалниот софтвер и истите ќе бидат вклучени во процесот на креирањето  политики на Градот Скопје.