Wednesday, October 29, 2014

ГРАДОТ СКОПЈЕ УЧЕСТВУВАШЕ ВО КОНФЕРЕНЦИЈАТА „ЕВРОПСКИ ДЕН НА ПРЕТПРИЕМАЧОТ“

Денеска /29.10.2014 година, среда/ во хотелот „Александар Палас" се одржува конференцијата „Европски ден на претприемачот и СЕЕИТА и МАСИТ Отворени денови“. Оваа конференција е организирана од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, во соработка со Европската бизнис асоцијација (ЕБА) и истата се одвива под слоганот „ Размисли, испланирај и направи„ (Think IT, Plan IT, Do IT)”  и „Иновација и идни ИТ трендови“ (Innovation and Future IT trends).

На оваа конференција беа претставени најиновативните решенија од областа на ИКТ, како и трендовите кои се очекуваат да бидат актуелни во следниов период од голем број  компании, универзитети и државни институции.

На конференцијата учествуваат претставници од голем број институции од Република Македонија, претставници од Град Скопје, делегација на Европска Унија, членки на МАСИТ, членки на ЕБА, ИТ асоцијации и претставници од комори од регионов, претставници од МСП секторот, сопственици на компании, претставници од Академијата и други.

На конференцијата ќе се презентираат голем број иновативни концепти и трендови од ИТК индустријата, со специјален акцент на обработка на податоци во облак (cloud computing), 4Г технологијата, мобилна технологија, креативни индустрии, социјални иновации и стандарди на квалитет во информатичката технологија. 

Пред присутните своја презентација имаше и Градот Скопје, во рамки на презентациите и дебатата на тема „Примената на ИТ иновации во јавниот сектор за подобрување на услугите за мали и средни претпријатија" организирана од  фондацијата „Конрад Аденауер". На оваа дебара свои презентазии имаа Градот Скопје, директорот на Управата на јавни приходи, Горан Трајковски, Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности на Република Македонија, Славче Трпески, како и раководителот на Секторот за информатика во Агенцијата за вработување на Република Македонија, Силвана Трајковска. 

Градот Скопје на конференцијата се претстави со презентација на тема „Интелигентни алатки за креирање политики, применуван модел од Град Скопје" и истата ја презентираше раководителот на Секторот за меѓународна соработка и поддршка на здруженија на граѓани и фондации на Град Скопје, Ловрен Маркиќ.

- Целта на проектот „Интелегентни алатки за креирање политики“ (FUPOL) е креирање на алатки кои ќе овозможат целосно нов пристап кон водење на традиционалните политики. Преку иновативни методи, користејќи ги социјалните мрежи и другите алатки базирани на информатички технологии, проектот FUPOL ќе овозможи нов начин на комуникација помеѓу политичарите, граѓаните и бизнис секторот. Софтверот кој е изработен овозможува автоматско собирање, анализирање и толкување на изнесени мислења на граѓаните, а исто така, овозможува и симулација на ефектите од донесување на политики и закони и можност да им асистира на властите во целиот процес на донесување одлуки. Со овие алатки жителите на Град Скопје ќе можат директно да учествуваат во процесот на креирањето на политиките на градот, каде што преку социјалните интернет мрежи ќе можат да ги искажат своите мислења и ставови на предложените теми и проекти - кажа Маркиќ.

Конференцијата „Европски ден на претприемачот и СЕЕИТА и МАСИТ Отворени денови“ е организирана со поддршка на Град Скопје.