Tuesday, January 27, 2015

ОТВОРЕНА ДЕБАТА НА ТЕМА „ ХОРТИКУЛТУРНО УРЕДУВАЊЕ ВО СКОПЈЕ“



Како дел од проектот „Интелигентни алатки за креирање политики“ - ФУПОЛ, отворена е дебата на тема „Хортикултурно уредување во Скопје“. 

Сите заинтересирани можат да оставаат коментари за тоа каква е состојбата со цвеќето и хортикултурното уредување во Скопје на местата коишто се одржуваат од страна на Градот Скопје и ЈП "Паркови и зеленило" (средишно и странично зеленило по главните булевари, поголемите градски паркови и јавните зелени површини коишто се одржуваат од страна на Градот Скопје и ЈП "Паркови и зеленило"), дали се задоволни од нивната сегашна состојба, дали им се допаѓа цветното уредување на овие површини, како и да дадат нивни предлози и идеи на овие теми. 

Сите заинтересирани можат да учествуваат преку оставање коментари на интерактивната мапа на следната интернет врска.

Граѓаните можат да учествуваат и преку пополнувањето на прашалникот којшто е достапен на следната интернет врска

Дополнително, сите коментари можат да бидат дадени на сите официјални профили на Град Скопје на социјалните мрежи фејсбук ,твитер, како и на официјалниот блог профил напроектот ФУПОЛ во Скопје, како и по пат на електронска пошта на skopjefupol@gmail.com. 

Сите предлози, идеи, коментари и критики значително ќе ја подобрат нашата работа во оваа област и затоа ги охрабруваме граѓаните што повеќе да се вклучат во оваа кампања.

Проектот „Интелигентни алатки за креирање на политики“ е финансиран од Европската Унија, во рамките на ФП7 Програмата и има за цел да овозможи целосно нов пристап кон водење на традиционалните политики. Преку иновативни методи користејќи ги социјалните мрежи и анкетни листови проектот FUPOL ќе придонесе за подобрување на начинот на кој политичарите и администрацијата комуницираат со граѓаните. 

Резултатот од проектот е развивање алатки базирани на информатички технологии, односно софтвер кој ќе овозможи нов начин на комуникација меѓу политичарите, граѓаните и бизнис секторот. Софтверот кој е изработен овозможува автоматско собирање, анализирање и толкување на изнесени мислења на граѓаните, а исто така, овозможува и симулација на ефектите од донесување политики и закони и можност да им асистира на властите во целиот процес на донесување одлуки.

Сите добиени коментари, мислења и ставови ќе бидат систематизирани и обработени со специјалниот софтвер и истите ќе бидат вклучени во процесот на креирањето политики на Градот Скопје.